Пливачот Блажевски во Катар ги бере државните рекорди како круши

 
Македонскиот пливачки репрезентативец Марко Блажевски го собори и четвртиот државен рекорд во четвртата дисциплина во која настапи, на Светското првенство во 25-метарски базени што завршува утре во Доха, Катар. На патеката 100 метри мешано тој постигна време од 55,98 секунди и за една секунда и 22 стотинки го подобри апсолутниот рекорд на Македонија, кој беше сопственост на Александар Миладиновски – 57,20 секунди.
 
Иако ретко ја плива оваа дисциплина, Блажевски докажа дека годинава е во извонредна форма.
 
„Се чувствувам одлично. Можев да пливам со вакво темпо уште трипати по сто метри,“ изјави за „Спортмедиа“ Блажевски.
 
Блажевски го освои 42. место меѓу 84 пливачи, што стартуваа во оваа дисциплина, а беа пријавени вкупно 92 натпреварувачи.
 
Блажевски стартуваше во осмата патека од петтата квалификациска група, а беше пријавен со резултат 58,59 секунди.
 
Утре, на последниот ден од СП, Блажевски ќе плива на 200 метри пеперутка, а вториот наш пливач на ова првенство, Горазд Чепишевски, на 200 грбно.
 
Во претходните три дена, Блажевски собори три рекорда – на 200 слободно и на 200 и 400 мешано, а Чепишевски постави два нови државни рекорди во дисциплините 100 и 200 грбно.

 

Вашият коментар